Список на досегашни активности
2008
На 10-ти мај 2008 год. на Философскиот факултет во Скопје се одржа XXXVII Државен натпревар по класични јазици, во организација на Здружението за класични филолози Антика и Институтот за класични студии.
На натпреварот учествуваа ученици од:
- јазично-уметничкото, општествено-хуманистичкото и природно-математичкото подрачје во гимназиите
-медицинската, ветеринарната и фармацевтската насока во гимназиите и
-средните медицински, ветеринарни и фармацевтски училишта од целата земја кои се натпреваруваа во следниве категории:
А. Почетно изучување латински јазик за учениците од гимназиите
Б. Почетно изучување латински јазик за учениците од средните медицински, фармацевтски и ветеринарни училишта
В. Продолжително изучување латински јазик за учениците од гимназиите
Г. Почетно изучување старогрчки јазик за учениците од гимназиите
Традиција на натпреварите по класичните јазици е учениците да бидат наградени со книги - преводи од класични автори, а нивните професори – со пофалба.
Во чест на учесниците на државниот натпревар по класични јазици изведоа приредба студенти на Институтот за класични студии. Тие подготвија фрагменти од комедии на Аристофан и Плаут.
На истиот ден имаше и презентација на Институтот за класични студии, неговата дејност во областа на науката и наставата, списанието Жива Антика и веб сајтот Систасис ( http://www.systasis.org.mk)
Студентите, демонстраторите и асистентите од нашиот институт зедоа големо учество во организацијата и извршувањето на сите ангажмани предвидени за овој свечен и напорен ден, за што им искажуваме голема благодарност.
Тие исто така на своја иницијатива дадоа изјави за медиумите за своите впечатоци за наставата и односот со студентите на Институтот за класични студии.
Наградените ученици зедоа исто така настапија на телевизија и радио.
На годишното собрание на Здружението на класични филолози „Антика“, што се одржа на денот на Државниот натпревар беше промовирана монографијата Docendo discimus. Таа претставува прирачник по дидактика, со резултатите од двегодишната работа на проектот за формирање постдипломски студии од областа на дидактиката по класичните јазици. Во прирачникот се опфатени предавањата и материјалите од работилниците што се одржаа на летните семинари во 2006 и 2007 година, како и есеи, семинарски работи и предлози за методски единици од страна на средношколските професори. На сите присутни професори им беше подарен прирачникот за да им послужи за понатамошната работа и за осовременувањето на наставата по класичните студии во средното образование во земјата. На средбата се разговараше и за актуелните проблеми во наставата по класичните јазици и за активностите што треба да се преземат за нивно што поуспешно решавање. Професорите беа исто така известени дека на Институтот за класични студии во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј веројатно ќе бидат отворени постдипломски студии по дидактика на класичните јазици во 2010 година.
Во текот на март 2008 Активот на професори при Здружението во соработка со професори од Институтот за класични студии изработи полугодишна писмена работа по латински јазик што се реализира во средните училишта од целата земја
2006
Летната школа "Docendo discimus" (поучувајќи учиме) на меѓународниот проект за отварање постдипломски студии од областа на дидактиката по класичните јазици се одржа во Охрид, 25-30 Јуни 2006, со двајца предавачи од странство и шест од земјата.
Презентацијата на меѓународниот проект „Постдипломски студии по дидактика“ можете да ја:
2005
ИЗВЕШТАЈ ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ СОБИР
„PATRIMONIUM IN MANUSCRIPTIS CONSERVATUM“
одржан во Дубровник од 29. март до 2. април 2005 година
Во организација на Хрватското друштво на класични филолози, Одделението за класична филологија на Философскиот факултет во Загреб, Заводот за школство на Република Хрватска и Еурокласика - европското здружение на професорите по класичните јазици, во Дубровник од 29. март до 2. април 2005 се одржа меѓународниот собир „PATRIMONIUM IN MANUSCRIPTIS CONSERVATUM“.
Собирот се одвиваше во две насоки: одржување меѓународен собир и годишна конференција на Генералното собрание на Еурокласика.
Здружението во месец април 2005 година успешно го организираше и го спроведе Републичкиот натпревар по латински јазик за учениците на гимназиите и средните училишта
2001-2002
Здружението во месец мај 2001 година успешно го организираше и го спроведе Републичкиот натпревар по латински јазик за учениците на гимназиите и средните училишта од медицинска и ветеринарна струка (26. 05. 2001) на кој учествуваа четириесет ученици во три натпреварувачки категории;
Членови на здружението (во соработка со претставник на Бирото за развој на образованието) во месец мај 2001 година одржа консултативна средба со наставниците по предметот Латински јазик во гимназиите и средните стручни училишта во Република Македонија на која се разгледуваа прашања врзани со новиот статус на предметот (изборен предмет) според новите наставни планови и програми во рамки на реформата на гимназиското и стручното средно образование, која стартуваше во учебната 2001/2002 година;
Членови на здружението (Проф. д-р Маргарита Бузалковска - Алексова, Доц. д-р Весна Димовска, Елена Чушкова и Лидија Димитриевска) беа ангажирани во тимовите за изработка на новите наставни програми по предметите Латински јазик и Старогрчки јазик за прва и втора година на изучување на овие предмети во гимназиите во Република Македонија во рамки на реформата на гимназиското и стручното средно образование (март 2001 и март 2002 година);
Членови на здружението (Проф. д-р Маргарита Бузалковска - Алексова, Доц. д-р Весна Димовска, Асис. м-р Елена Џукеска) учествуваа на Семинарот за новите наставни програми по Латински јазик, што се одржа во Велес 23-25 август 2001 година, во организација на Министерството за образование и наука на РМ и Бирото за развој на образованието на РМ;
Здружението отпечати флаер (5 000 примероци) наменет за учениците во гимназиите и осмите одделенија, кој содржи информации за статусот, можностите за избор и целите на изучувањето на класичните јазици во средното образование, а беше дистрибуиран во 140 основни училишта и триесетина средни училишта во Република Македонија;
На 11 мај оваа година здружението го спроведе Републичкиот натпревар по латински јазик за учениците на гимназиите и средните училишта од медицинска и ветеринарна струка за 2002 година, на кој учествуваа повеќе од шеесет ученици од цела Македонија.
На 27 август 2002 година здружението (во соработка со претставник на Бирото за развој на образованието) одржа консултативна средба со наставниците по предметот Латински јазик во гимназиите и средните стручни училишта во Република Македонија на која се разгледуваа прашања врзани со наставната програма за втора година реформирано гимназиско образование и други прашања врзани со изведувањето на наставата по класичните јазици.
|