За SYSTASIS

SYSTASIS е списание поттикнато и реализирано од членовите на здружението "Антика" - класични филолози.
Името на списанието (во превод "Состав"), потекнува од големото откритие на професор М. Д. Петрушевски, кој во 1980 година (преиздадено во 1990 г.) во Скопје го објави својот превод на Аристотеловото дело За поетиката (Περὶ ποητικῆς). Тој откри, дека во дефиницијата за трагедијата не стои изразот прочистување на страстите (κάϑαρσις παϑημάτων), или некоја друга синтагма, туку состав од дејства (σύστασις πραγμάτων), што предизвикуваат жал и страв, што е најважна характеристика на трагедијата.
Дека составот на делото од соодветни компоненти е основа за тоа да биде токму такво дело, на книжевно-теоретски и философски план покажа професор Елена Колева, во своето дело "Систаса на прагми" (Охрид, 1992), со што теоретски го потврди лингвистичкото откритие на М. Д. Петрушевски.
Со покренувањето на списанието SYSTASIS, кое ќе излегува двапати годишно, членовите на редакцискиот одбор сакаат да реализираат состав од прилози на класичните филолози, историчарите, археолозите, философите, што се занимаваат со цивилизациите на Стара Грција и Рим и со нашето културно и историско наследство од овие цивилизации. Покрај научните и стручните трудови, списанието предвидува и трудови од областа на дидактиката на класичните дисциплини, како и прилози на младите - студентите на Институтот за класични студии и пошироко.


Забелешка: Списанието е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Македонија

Министерство за Култура на Република Македонија - Ministry of Culture of the Republic of Macedonia